Преглед на најважниот меѓународен договор за правата на лицата со попреченост
Конвенција за правата на лица со попреченост на Обединетите Нации

     Генералното собрание на Обединетите нации на 13-ти декември 2006 година за време на својата шеесет и прва пленарна сесија ја усвои Конвенцијата за правата на лицата со попреченост. Ова е првата конвенција која се усвојува во 21-от век, и прва конвенција која се однесува на човековите права, а е усвоена во Обединетите нации во изминатите дваесет години. Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост – ПОРАКА започна активно да лобира кај државните власти за потпишување и ратификување на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост и опцијалниот протокол.

      Во преамбулата на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост се потврдува универзалноста, неделливоста и меѓузависноста и меѓусебната врска на сите човекови права и основни слободи и потребата на лицата со попреченост да им се гарантира нивно целосно уживање без дискриминација. Се нагласува важноста од вметнување на прашањата поврзани со попреченоста во редовните текови како интегрален дел од релевантните стратегии за одржлив развој. Се признава дека дискриминацијата на секое лице врз основа на попреченост претставува кршење на вроденото достоинство и вредност на човекот и истовремено се признава разноличноста на лицата со попреченост. Се истакнува вреднуваното постоење и потенцијалните придонеси од лицата со попреченост за севкупната добросостојба и разноличност на заедниците од каде потекнуваат. Промоцијата на целосното уживање на човековите права и основните слободи на лицата со попреченост, како и целосното учество од страна на лицата со попреченост ќе резултира со нивно зголемено чувство на припадност, и ќе придонесе за значајни напредоци во човековиот, социјалниот и економскиот развој на општеството и искоренувањето на сиромаштијата. Се признава важноста од индивидуалната автономија и самостојност за лицата со попреченост, вклучувајќи ја слободата за правење сопствени избори.
      Конвенцијата за правата на лицата со попреченост се состои од 50 члена од кои во првиот се дефинира целта на оваа Конвенција. Конкретно во член 1 се вели дека целта е да го промовира, заштити и осигура целосното и еднакво уживање на сите човекови права и основни слободи од страна на сите лица со попреченост, и да ја промовира почитта за нивното вродено достоинство. Во членот 2 дадени се дефинициите на термините “комуникација”, “јазик, “дискриминација врз основа на попреченост”, “разумно прилагодување” и “универзален дизајн”. Овие термини служат за целите на Конвенцијата. Членот 3 се однесува на општите принципи врз кои се заснова оваа Конвенција, и кои треба да се почитуваат од страна на сите држави потписнички: почит кон вроденото достоинство, индивидуалната автономија вклучувајќи ја слободата за носење сопствени избори, и самостојноста на лицата; не-дискриминација; целосно и ефективно учество и инклузија во општеството; почит за разликата и прифаќањето на лицата со попреченост како дел од човековата разноличност и човештво; еднаквост на можностите; пристапност; еднаквост меѓу мажите и жените; почит за развојните капацитети на децата со попреченост и почит за правото на децата со попреченост да ги сочуваат своите идентитети.
      Членот 4 се однесува на општите обврски на државите потписнички кои преземаат одговорност да ја обезбедат и да ја промовираат целосната реализација на сите човекови права и основни слободи за сите лица со попреченост без дискриминација од било кој вид врз основа на попреченост. Во членот 5 кој ги содржи еднаквоста и недискриминацијата се вели дека државите потписнички признаваат дека сите лица се еднакви пред законот и имаат право без дискриминација на еднаква заштита и еднаква добробит од законот. Исто така, државите потписнички ќе забранат секаква дискриминација врз основа на попреченост и ќе им гарантираат на лицата со попреченост еднаква и ефективна правна заштита против дискриминација по сите основи.
      Членот 6 ги опфаќа жените со попреченост и согласно овој член државите потписнички признаваат дека жените и девојките со попреченост се изложени на повеќекратна дискриминација, и во таа смисла ќе преземаат мерки за да обезбедат целосно и еднакво уживање на сите човекови права и основни слободи од страна на жените и девојките со попреченост. Во членот 7, кој се однесува на децата со попреченост, се вели дека при секоја акција која се однесува на децата со попреченост од примарно значење ќе биде најдобриот интерес на детето и дека ќе се обезбеди слободно изразување на ставовите на децата со попреченост.
      Членот 8 се однесува на подигнувањето на јавната свест во однос на лицата со попреченост и промоцијата на почитта за правата и достоинството на овие лица. Во членот 9 опфатена е пристапноста на лицата со попреченост односно мерките кои државите потписнички треба да ги преземат за да им обезбедат на лицата со попреченост пристап, на еднаква основа со другите, до физичката средина, до превоз, до информации и комуникации, вклучувајќи информациски и комуникациски технологии и системи, и до други објекти и сервисни служби отворени или обезбедени за јавноста, како во урбаните така и во руралните средини.
      Членот 10 говори за правото на живот и се вели дека секое човечко суштество има вродено право на живот, па поради тоа државите потписнички ќе ги преземаат сите неопходни мерки за да обезбедат дека лицата со попреченост ефективно го уживаат ова право. Согласно членот 11 - Ситуации на ризик и хуманитарни вонредни состојби, државите потписнички ќе ги преземаат сите неопходни мерки за да обезбедат заштита и безбедност за лицата со попреченост во ситуации на ризик, вклучувајќи ситуации на вооружен конфликт, хуманитарни вонредни состојби и природни катастрофи.
      Членот 12 е особено важен за лицата со интелектуална попреченост и нивните семејства бидејќи се однесува на еднаквото признавање пред законот. Во овој член се потврдува дека лицата со попреченост имаат право насекаде да бидат признаени како лица пред законот и дека лицата со попреченост уживаат во деловната способност на еднаква основа со другите во сите аспекти од животот. Членот 13 се однесува на пристапот до правда според кој државите потписнички ќе обезбедат ефективен пристап до правда за лицата со попреченост на еднаква основа со другите вклучувајќи преку овозможување на процедурални и соодветни на возраста прилагодувања. Во членот 14 се опфаќа слободата и сигурноста на лицето. Согласно овој член државите потписнички ќе обезбедат дека лицата со попреченост, на еднаква основа со другите го уживаат правото на слобода и сигурност, дека не се незаконски или произволно лишени од нивната слобода и дека постоењето на попреченоста во никој случај нема да биде оправдување за лишувањето од слобода. Членот 15 се однесува на слобода од тортура или суров, нечовечен или деградирачки третман или казна и меѓу другото вели дека ниедно лице нема да биде подложено на тортура или суров, нечовечен, деградирачки третман или казна, ниту на медицински или научни експериментирања, без негова согласност.
      Согласно членот 16 кој се однесува на слобода од експлоатација, насилство и злоупотребадржавите потписнички ќе преземаат соодветни мерки на заштита на лицата со попреченост, како во домот така и надвор од него, од сите форми на експлоатација, насилство и злоупотреба Во членот 17 кој се однесува на заштита на интегритетот на лицетосе вели дека секое лице со попреченост има право да биде почитувано поради неговиот или нејзиниот физички и ментален интегритет на еднаква основа со другите. Членот 18 се однесува на слобода на движење и националност. Државите потписнички ќе ги признаат правата на лицата со попреченост на слобода на движење, слобода да го избираат нивното место на живеење и на националност, на еднаква основа со другите. Членот 19 - самостојно живеење и вклученост во заедницата е од особена важност за лицата со интелектуална попреченост. Државите потписнички го прифаќаат еднаквото право на сите лица со попреченост да живеат во заедницата, со избори еднакви како и за другите, и ќе преземаат мерки за да го олеснат целосното уживање на ова право од страна на лицата со попреченост. Со овие мерки лицата со попреченост ќе имаат можност да го избираат своето место на живеење, каде и со кого ќе живеат на еднаква основа со другите. Понатаму, лицата со попреченост имаат пристап до различни резиденцијални и други сервисни служби за поддршка во заедницата и во домашни услови, вклучувајќи лична помош која е неопходна за под-дршка во секојдневното живеење и вклучувањето во заед-ницата, и да се спречи изолација или сегрегација од заед-ницата. Исто така, сервисните служби и објектите за општата популација се достапни за лицата со попреченост на еднаква основа и се соодветни на нивните потреби.
      Во членот 20 каде е опфатена личната мобилност на лицата со попреченост државите потписнички се обврзуваат да преземат ефективни мерки за да обезбедат лична мобилност со најголема можна самостојност за лицата со попреченост земајќи го предвид пристапот до квалитетни помагала за движење, помошни технологии и форми на жива помош и посредници, правејќи ги достапни со пристапни цени. Членот 21 се однесува на слободата на изразување и мислење, и пристап до информации. Според овој член државите потписнички ќе преземаат мерки за да обезбедат дека лицата со попреченост можат да го практикуваат нивното право на слобода на изразување и мислење, вклучувајќи слобода да бараат, добиваат и соопштуваат информации и идеи на еднаква основа со другите преку сите форми на комуникација по нивен избор. Во членот 22 опфатена е почитта за приватноста и се вели дека ниедно лице со попреченост не треба да биде изложено на произволно или незаконско попречување на неговата или нејзината приватност, семејство, дом, кореспонденција, како ни на незаконски напади на неговата или нејзината чест и репутација. Членот 23 се однесува на почитта за домот и семејството. Државите потписнички ќе преземаат мерки за елиминација на дискриминацијата на лицата со попреченост во однос на сите прашања поврзани со бракот, семејството, родителството и врските на еднаква основа со другите.
      Друг член кој исто така е значаен за лицата со интелектуална попреченост е и членот 24 кој се однесува на образованието. Согласно овој член државите потписнички го признаваат правото на образование за лицата со попреченост и се обврзуваат да обезбедат инклузивен образовен систем на сите нивоа и доживотно учење. Исто така, ќе обезбедат дека лицата со попреченост не се исклучени од општиот образовен систем врз основа на попреченост, и дека децата со попреченост не се исклучени од бесплатно и задолжително основно или средно образование, врз основа на попреченост,односно имаат пристап до инклузивно, квалитетно, бесплатно основно и средно образование, на еднаква основа со другите. Државите потписнички ќе им овозможат на лицата со попреченост да стекнуваат вештини за секојдневно живеење и социјален развој кои ќе го олеснат нивното целосно и еднакво учество во образованието и како членови на заедницата.
      Во членот 25 кој се однесува на здравството се вели дека државите потписнички признаваат дека лицата со попреченост имаат право на највисок достапен стандард на здравство без дискриминација врз основа на попреченост. Тие ќе ги преземат сите соодветни мерки за да обезбедат пристап за лицата со попреченост до здравствени сервисни служби кои се сензитивни на полот, вклучувајќи рехабилитација поврзана со здравството. Потоа, пристап до ист опсег, квалитет и стандард на бесплатна или достапна здравствена грижа и програми за лицата со попреченост, како што се обезбедени за другите лица и нивна достапност што е можно поблиску до заедниците каде живеат лицата, како и да спречуваат дискриминаторно лишување од здравствена грижа или здравствени сервисни служби врз основа на попреченост. Според членот 26 кој се однесува на хабилитација и рехабилитација државите потписнички ќе преземат мерки за оспособување на лицата со попреченост да ја постигнат и да ја одржат нивната максимална самостојност, целосна физичка, ментална, социјална и вокациона способност, и целосна инклузија и учество во сите аспекти од животот. За таа цел, државите потписнички ќе ги организираат, зајакнуваат и зголемуваат сеопфатните сервисни служби и програми за хабилитација и рехабилитација, особено во областите на здравство, вработување, образование и социјални сервисни служби. Сервисните служби и програми за хабилитација и рехабилитација да започнуваат од најраната можна фаза, и да се базираат на мултидисциплинарна проценка на индивидуалните потреби и предности. Во членот 27работа и вработување државите потписнички го признаваат правото на лицата со попреченост да работат, на еднаква основа со другите. Тоа опфаќа право на можност да заработуваат за живот преку слободно избрана работа или прифатена на пазарот на трудот и работна средина која е отворена, инклузивна и пристапна за лицата со попреченост. Државите потписнички ќе ја штитат и промовираат реализацијата на правото на работа, вклучително и за оние кои стекнуваат попреченост во текот на работењето, преку преземање на соодветни мерки. Во членот 28 кој се однесува на адекватен стандард на живеење и социјална заштита, државите потписнички го признаваат правото на лицата со попреченост на адекватен стандард на живеење за нив самите и за нивните семејства, вклучувајќи адекватна исхрана, облека и сместување, како и на постојано подобрување на условите за живеење. Државите потписнички го признаваат правото на лицата со попреченост на социјална заштита и на уживање на тоа право без дискриминација врз основа на попреченост.
      Согласно членот 29учество во политичкиот и јавниот живот, државите потписнички ќе им ги гарантираат на лицата со попреченост нивните политички права и можноста истите да ги уживаат на еднаква основа со другите. Во членот 30 кој се однесува на учеството во културниот живот, рекреацијата, слободното време и спортот, државите потписнички го признаваат правото на лицата со попреченост да учествуваат на еднаква основа со другите во културниот живот и пристапот до културни материјали, телевизиски програми, филмови, театар и други културни активности во пристапни формати, како и можност за развивање и искористување на нивниот креативен, уметнички и интелектуален потенцијал за збогатување на општеството. За учеството, пак, на еднаква основа со другите, во рекреативни, спортски активности и активности во слободното време ќе се преземаат соодветни мерки, како и за можноста да организираат, развиваат и учествуваат во спортски и рекреативни активности специфични за попреченоста.
      Членот 31 кој се однесува на статистиката и собирање податоци вели дека државите потписнички имаат одговорност за собирање соодветни статистички и истражувачки информации и податоци, кои ќе им овозможат да формулираат и имплементираат политики. Собраните информации ќе бидат соодветно расчленети и ќе се користат за помош и проценка на имплементацијата на оваа Конвенција, и да се идентификуваат и опфатат бариерите со кои се соочуваат лицата со попреченост при практикувањето на нивните права. Во членот 32меѓународна соработка, државите потписнички ја признаваат важноста од меѓународната соработка и нејзината промоција, во поддршката на националните напори за реализација на целите на оваа Конвенција, и ќе преземат мерки во тој поглед помеѓу државите, и каде е соодветно во партнерство со релевантни меѓународни и регионални организации и граѓанското општество, особено организации на лица со попреченост.
      Според член 33национална имплементација и мониторинг, државите потписнички, во согласност со нивниот систем на организација, ќе назначат една или повеќе главни точки во рамките на Владата за работи кои се поврзани со имплементација на конвенцијата и ќе воспостават механизам за координација на различни сектори и на различни нивоа. Исто така ќе воспостават работна рамка во која ќе се опфатат еден или повеќе независни механизми за промовирање, заштита и мониторинг на имплементацијата на Конвенцијата, а организациите на лицата со попреченост целосно ќе учествуваат во процесот на мониторинг. Во членот 34 се говори за Комитетот за правата на лицата со попреченост. Овој Комитет ќе содржи максимален број од 18 членови, со високи морални начела и признаени компетенции и искуство во полето опфатено со Конвенцијата. Членовите на Комитетот ќе се избираат за мандат од четири години. Членот 35 се однесува на извештаите од државите потписнички кои секоја држава потписничка ќе ги поднесува до Комитетот за преземени-те мерки и за постигнатиот напредок.
      Членот 36 се однесува на разгледување на извештаите од страна на Комитетот. Државите потписнички ќе се погрижат нивните извештаи да бидат достапни за јавноста во нивните земји и да го олеснат пристапот до предлози и општи препораки поврзани со овие извештаи. Во членот 37 се дефинира соработката меѓу државите потписнички и Комитетот. Секоја држава потписничка ќе соработува со Комитетот и ќе помага на членовите во исполнувањето на нивниот мандат, а комитетот ќе посочува начини и средства за подобрување на националните капацитети за имплементација на Конвенцијата. Во членот 38 се објаснуваат врските на Комитетот со други тела со цел да обезбедат експертски совети за имплементација на Конвенцијата. Комитетот ќе се консултира со релевантни тела востановени преку меѓународните договори за човекови права со акцент на обезбедување конзистентност за нивните соодветни насоки за известување, предлози и општи препораки, и да се избегне дуплирање и преклопување во изведбата на нивните функции. Во членот 39 се вели дека Комитетот, секои две години, ќе поднесува извештај за своите активности до Генералното собрание и до Економскиот и социјален совет и може да дава предлози и општи препораки врз основа на испитувањето на извештаите и информациите добиени од државите потписнички. Членот 40 се однесува на Конференција на државите потписнички чија цел е разгледување на сите прашања во однос на имплементацијата на Конвенцијата. Првата конференција ќе ја свика Генералниот секретар на ОН не подоцна од шест месеци по стапувањето на сила на Конвенцијата, а потоа на секои две години. Во членот 41 се одредува дека депозитарна оваа Конвенција ќе биде Генералниот секретар на Обединетите нации.
      Членовите 42 и 43 се однесуваат на потпишувањето и согласноста за обврзување кон оваа Конвенција. Во нив се вели дека Конвенцијата ќе биде отворена за потпишување од страна на државите и од страна на регионални организации за интеграција при Обединетите нации во Њујорк од 30 март 2007 година. Оваа Конвенција ќе подлежи на ратификација од страна на државите потписнички и на формална потврда од регионалните организации за интеграција, потписнички на Конвенцијата. Членот 44 ги дефинира регионалните организации за интеграција. Под “Регионална организаци-ја за интеграција” се подразбира организација составена од суверени држави во даден регион, на која нејзините држави членки и пренеле надлежност во однос на прашања уредени според оваа Конвенција. Согласно член 45Стапување на сила, оваа Конвенцијата ќе стапи на сила на триесетиот ден по депонирањето на дваесетиот инструмент на ратификација или пристапување. За секоја држава или регионална организација за интеграција која ја ратификува, формално потврдува или пристапува кон Конвенцијата по депонирањето на дваесетиот ваков инструмент, Конвенцијата ќе стапи на сила на триесетиот ден од депонирањето на сопствениот инструмент.
      Во членот 46 се говори за резервите, односно, ако некоја одредба од конвенцијата го крши домашниот уставен закон на државата, таа земја обично ќе поднесе “резерва” за одредбата. Тоа значи дека државата нема да е законски обврзана да ја следи специфичната одредба за која е поднесена резервата. Државите не можат да дадат резерва која ќе ја направи неважечка главната намера или духот на конвенцијата. Според овој член резервите кои не се компатибилни со предметот и целта на оваа конвенција нема да се дозволат. Членот 47 се однесува на начинот и процедурата на поднесување и усвојување на амандмани. Во членот 48, пак, се објаснува начинот на откажување од оваа Конвенција. Во членот 49 се вели дека текстот на Конвенцијата ќе биде достапен во пристапен формат, а во последиот член 50, се вели дека арапскиот, кинескиот, англискиот, францускиот, рускиот и шпанскиот текст на Конвенцијата ќе бидат еднакво автентични.
      Со усвојувањето на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост се усвои и опцијален протокол на Конвенцијата, кој предвидува формирање на Комитет за правата на лица со попреченост. Комитетот ќе биде задолжен за добивање и разгледување на известувања од или во име на поединци или групи кои тврдат дека се жртви на кршења на одредбите на Конвенцијата од страна на земјите потписнички. Комитетот ќе предлага мерки за надминување на ваквите ситуации во соработка и координација со соодветната земја потписничка. Комитетот нема да ги разгледува оние извештаи кои се однесуваат на земји потписнички на конвенцијата, а кои не се потписнички на протоколот.

        © 2010
        сите права се задржани

почетна лична карта новости контакт
проекти публикации декларација гласило english